Нов скандал: Во болницата во Лешок откриена вода со колиформни бактерии

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, објави документ за кој тврди дека покажува микробиолошка неисправност на водата во Специјализираната болница за белодробни заболувања и туберкулоза во Лешок.

Според извештајот од Центарот за јавно здравје во Тетово, кој Филипче го презентираше на прес-конференција, во примерок земен од чешма во болницата биле утврдени 51 колиформна бактерија во 100 милилитри вода. Испитувањето било завршено на 13 мај 2026 година, а во документот било наведено дека примерокот не одговара на потребниот квалитет за вода за пиење.

Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење предвидува во 100 милилитри вода да нема колиформни бактерии. Според објавените податоци, измерената вредност во примерокот од болницата била 51, додека пропишаната вредност е нула.

Филипче рече дека документот го добил од укажувачи и обвини дека надлежните институции не ја информирале јавноста што било преземено по добивањето на резултатот. Тој побара да се утврди дали водата била користена од пациентите и вработените, дали биле извршени повторни анализи и дали биле преземени мерки за дезинфекција на водоснабдителниот систем.

„Примерокот е од чешма во болницата каде што се лекуваат луѓе. Во извештајот пишува дека водата не соодветствува со квалитетот потребен за пиење, а никој не реагирал“, рече Филипче, барајќи одговорност за управувањето со установата.

Лидерот на СДСМ побара итен вонреден надзор и анализи на водоснабдителните системи низ земјата, како и јавно објавување на резултатите од физичките, хемиските и микробиолошките испитувања. Тој побара да бидат објавени и податоците за хлорирањето, матноста, мирисот, нитратите, нитритите и амонијакот во водата.

Најчитано