„Газдарицата“ на Куклица отиде во притвор

Судот определи притвор за 41-годишната жителка на Кратово, која подолг период без правен основ им наплаќала влезници на посетителите на природниот локалитет Куклица и се претставувала како негова „газдарица“.

Притворот е определен по предлог на Основното јавно обвинителство Куманово, кое против жената води постапки за спречување службено лице во вршење службено дејствие и за узурпација на локалитетот. Куклица со указ е прогласена за споменик на природата.

Според Обвинителството, осомничената продолжила да наплаќа влезници, да се расправа со посетителите и да им се заканува, иако против неа веќе биле преземени мерки. При последниот инцидент физички ги нападнала и ги спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и да ја приведат.

Во постапката за продолжено кривично дело узурпација претходно ѝ биле изречени мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана да го посетува локалитетот. Според обвинителот, таа го одбегнувала приемот на решението и не ја почитувала забраната.

Обвинителството го земало предвид и фактот дека жената, заедно со нејзиниот сопруг, претходно учествувала во спречување пазарни инспектори при вршење службена контрола. Нејзиниот 41-годишен сопруг, британски државјанин, во јули беше осомничен дека фрлал камења кон даночни контролори и нивното службено возило на локалитетот.

Како причини за притворот се наведени опасноста од бегство и ризикот осомничената да продолжи со извршување кривични дела. Судот го прифатил предлогот на јавниот обвинител и ја определил притворската мерка.

Најчитано