Герасимовски: Екипите на Центар и денес расчистуваат по невремето

Екипите на Општина Центар продолжуваат со расчистување на последиците од силното невреме што предизвика паднати дрвја, оштетувања и опасности на повеќе локации во централното градско подрачје.

Веднаш по невремето бил свикан итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, по што сите расположливи служби биле испратени на терен. Интервенциите продолжиле до доцна во ноќта, а екипите повторно почнале со работа во раните утрински часови.

Во текот на ноќта се расчистувало во Капиштец, Дебар Маало, Пролет, Буњаковец и во околината на Соборниот храм, како и на други места каде што биле пријавени паднати дрвја и оштетувања на инфраструктурата.

„Наш приоритет е што побрзо да ги отстраниме сите опасности и да ја нормализираме состојбата“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски, кој им се заблагодари на службите за ангажманот, а на граѓаните за трпението и навременото пријавување на проблемите.

Од Општина Центар ги повикаа жителите да продолжат да пријавуваат паднати или оштетени дрвја, оштетувања на инфраструктурата и други ризични ситуации. Екипите ќе останат на терен, а интервенциите ќе се извршуваат според степенот на опасност и пријавите од граѓаните.

Силното невреме во Скопје предизвика паднати дрвја, оштетени возила, покриви и друга материјална штета, а Центарот за управување со кризи регистрираше повеќе од 1.000 повици од граѓани.

Најчитано