Ѓорческа го заврши историскиот настап на Вимблдон, Анисимова победи со 6-3 и 6-2

Историскиот настап на Лина Ѓорческа на Вимблдон заврши во првото коло, откако фаворизираната Американка Аманда Анисимова славеше со 2-0 во сетови, 6-3 и 6-2.

Најдобрата македонска тенисерка се обиде да ѝ се спротивстави на шестата носителка, но силниот сервис и агресивната игра на Анисимова ја направија разликата на теренот број 2 во Лондон.

Почетокот на мечот беше изедначен, но Американката прва направи брејк и се одвои на 4-1. Ѓорческа успеа да се врати со добиен сервис-гем и да намали на 4-2, но не доби можност да го врати брејкот.

Македонката го освои и следниот свој сервис за 5-3, по што Анисимова сигурно сервираше за првиот сет.

Ѓорческа добро го отвори вториот дел и го доби почетниот гем, но новиот удар следуваше при 2-1 за Анисимова. Двојна сервис-грешка на Македонката ѝ овозможи на фаворитката да направи брејк и да поведе со 3-1.

Анисимова потоа ја зголеми предноста на 4-1 и ја презеде целосната контрола врз натпреварот. Ѓорческа освои уште еден гем, но Американката не дозволи враќање и го затвори мечот со 6-2.

Статистиката покажа дека сервисот бил еден од главните проблеми за Ѓорческа. Таа погоди само 41 процент од првите сервиси и направи осум двојни грешки, наспроти двете на Анисимова.

Американката освои 83 проценти од поените по погоден прв сервис и не ѝ остави многу простор на македонската тенисерка да изврши притисок при нејзините сервис-гемови.

Поразот, сепак, не ја намалува големината на успехот на Ѓорческа. Таа преку три квалификациски победи стигна до главниот турнир и стана првата македонска тенисерка со настап во сингл во главната ждрепка на еден гренд слем.

На 31-годишна возраст, Ѓорческа го оствари најголемиот резултат во кариерата и го однесе македонското знаме на најпознатиот тениски турнир во светот.

Најчитано