Time out објави градови со најдобра храна за 2026 година, а листата веднаш стана водич за сите што патуваат со една главна цел: да јадат добро. Рангирањето е направено врз основа на анкета со повеќе од 24.000 жители во 150 градови, плус оценка од повеќе од 100 уредници и локални експерти, а на врвот не е Париз, Рим или Токио, туку Лима во Перу.
Time Out ја прогласи Лима за најдобар град за храна во светот, поради силната гастрономска сцена, достапноста, локалните состојки и модерното враќање кон традиционалната перуанска кујна. Во првите десет има и четири европски градови: Лондон, Барселона, Атина и Лисабон.
Рангирањето не се темели само на престижни ресторани и фина гастрономија. Во оценувањето влегле квалитетот, достапноста, разновидноста, кафулињата, баровите, рестораните и локалните сцени што жителите навистина ги користат. Финалната оценка, се формирала 70 проценти од мислењето на локалните жители и 30 проценти од оценките на експертите.
| Ранг | Град | Земја | Храна по која се издвојува |
|---|---|---|---|
| 1 | Лима | Перу | Ceviche, causa Limeña, rocoto, ocopa, pepián, јадења со амазонски и андејски состојки |
| 2 | Бангкок | Тајланд | Pad Thai, khao tom gui, ноќна улична храна, слатко-кисело-лути вкусови |
| 3 | Мексико Сити | Мексико | Taco al pastor, пченкарни тортиљи, чили, авокадо, современа мексиканска кујна |
| 4 | Лондон | Обединето Кралство | Sunday roast, pie and mash, bagels, индиска, кинеска, корејска и веганска кујна |
| 5 | Барселона | Шпанија | Pa amb tomàquet, bombas, capipota, каталонски чорби, ориз со ракчиња и месо |
| 6 | Хо Ши Мин | Виетнам | Bánh mì, cơm tấm, cà phê sữa đá, ốc, bánh tráng nướng |
| 7 | Мелбурн | Австралија | Кафе-култура, Magic coffee, грчка, италијанска, виетнамска, етиопска и филипинска кујна |
| 8 | Пекинг | Кина | Пекиншка патка, регионални кинески кујни, сечуански вкусови, доцновечерен рак |
| 9 | Атина | Грција | Souvlaki, gyros, маслиново масло, диви зелени растенија, медитеранска кујна |
| 10 | Лисабон | Португалија | Bifana, clams à Bulhão Pato, морска храна, neo-tascas, пекари и сендвичи |
Лима ја доби првата позиција затоа што нејзината кујна ги спојува различните региони на Перу: крајбрежјето, Андите, Амазонија и градската сцена што со години е меѓу најпрепознатливите во светската гастрономија. Time Out посочува дека градот е и најдостапен за јадење на листата, според одговорите на локалните жители.
Бангкок е втор, со сцена што се потпира на уличната храна, но и на нов бран тајландска фина гастрономија. Градот е препознатлив по балансот меѓу слатко, солено, кисело и луто, а Time Out го издвојува khao tom gui како јадење што ја покажува кинеската врска во тајландската кујна.
Мексико Сити е трет поради својата опсесија со tacos, но и поради начинот на кој традиционалните состојки како пченка, чили и авокадо се користат во модерни ресторани, улична храна и нови гастрономски концепти. Taco al pastor останува неговиот најсилен симбол.
Европа, сепак, не исчезнува од картата. Лондон е четврти благодарение на огромната разновидност на кујни и на фактот дека 96 проценти од анкетираните жители го оцениле јадењето надвор како добро или одлично. Барселона е петта со враќањето кон традиционалната каталонска кујна, Атина е деветта со комбинација на медитеранска традиција и нови ресторани, а Лисабон е десетти со neo-tascas, сендвичи, морска храна и силна локална сцена.
Оваа листа покажува дека најдобрите градови за храна веќе не се само оние со најмногу ѕвездички и најскапи ресторани. Победуваат градовите каде што храната е дел од секојдневниот живот: од пазар, улична тезга и маалско кафуле, до ресторан во кој локалните жители навистина јадат, а не само туристите.
