Борбен авион Ф-16 на грчките воздухопловни сили принудно слетал и се запалил на аеродромот на островот Закинтос, откако за време на тренинг-лет се појавил технички дефект.
Инцидентот се случил во четвртокот, на 9 јули, околу 13:45 часот. Авионот од 335. ескадрила на 116. борбено крило се наоѓал на тренинг-лет кога пилотот пријавил проблем и бил принуден итно да слета на меѓународниот аеродром „Дионисиос Соломос“.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, авионот слетал без целосно активирана опрема за слетување и се лизгал по пистата. При контактот со подлогата избувнал пожар, кој бил ставен под контрола од противпожарните екипи на аеродромот.
Пилотот успеал навреме да излезе од леталото и не бил повреден. Тој со воен хеликоптер бил пренесен во 117. борбено крило во Андравида, каде што бил подложен на превентивни лекарски прегледи.
„Пилотот на авионот е во добра здравствена состојба. Причините за инцидентот се истражуваат“, соопштија грчките воздухопловни сили.
Аеродромската писта била затворена по несреќата, поради што биле одложени и откажани повеќе летови во период на засилен летен сообраќај. Специјализирани екипи на грчкото воено воздухопловство го отстраниле оштетениот авион од пистата по операција што траела околу четири и пол часа.
По чистењето на истеченото гориво и извршените безбедносни и технички проверки, аеродромот повторно бил отворен. Летовите продолжиле во текот на ноќта за да бидат опслужени патниците чии патувања биле нарушени поради инцидентот.
