Ховениер за денот на жалост во Косово: Да изградиме општество во кое секој ќе живее без страв

 Американскиот амбасадор во Косово, Џеф Ховениер, по повод денешниот ден на жалост во Косово по двете убиства на жени последните неколку дена, изрази почит на жртвите на фемицид и родово насилство во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку неговата официјална страница на платформата „Х“, Ховениер нагласи дека неодамнешните случаи на убиства, како и случаите на семејно насилство, ја нагласуваат итната потреба од повеќе работа за да се спречи насилството врз жените и девојчињата.

„Денеска стоиме со народот на Косово на Националниот ден на жалост, во чест и сеќавање на жртвите на фемицид и на сите Косовки кои се жртви на семејно насилство. Неодамнешните убиства и чиновите на семејно насилство ја нагласуваат итната потреба да се направи повеќе за справување и спречување на сите форми на насилство врз жените и девојчињата. Мора да се стремиме да изградиме општества каде што секој поединец ќе може да живее без страв и без да биде повреден, напиша Ховениер.

И други амбасадори во Косово реагираа по последните убиства на жени во земјата и ги спуштија знамињата на половина копје на денот на жалоста во чест на жртвите.

Една жена е убиена вчера во градот Пеќ, а осомничен за убиството е нејзиниот сопруг, кој, како што е соопштено, ја застрелал со пиштол.

Во петокот (12 април) 21-годишна жена беше убиена во Урошевац во Центарот за социјална работа од страна на поранешниот сопруг. Притоа беше ранет и 15-годишниот брат на жртвата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира