Инфантино прелета 21.000 километри за една недела на Мундијалот

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, стана најголемиот патник на Светското првенство во 2026 година, откако само во првата недела од турнирот прелета повеќе од 13.000 милји, односно околу 21.000 километри.

Инфантино беше забележан на трибините на натпревари во сите три земји домаќини – САД, Канада и Мексико – користејќи приватен авион на „Катар ервејс“, обезбеден во рамките на спонзорскиот договор на авиокомпанијата со ФИФА.

Неговата цел била да присуствува на два натпревари дневно секогаш кога распоредот го дозволувал тоа.

На отворањето на Мундијалот, на 11 јуни, Инфантино најпрво го следеше натпреварот меѓу Мексико и Јужна Африка во Мексико Сити, а истиот ден беше и во Гвадалахара на средбата меѓу Јужна Кореја и Чешка.

Во следните денови патуваше во Лос Анџелес, Сан Франциско, Ванкувер, Сиетл и Мајами, минувајќи илјадници километри меѓу натпреварите.

Единствениот ден кога не присуствувал на фудбалски натпревар, Инфантино отпатувал во Мајами, каде бил домаќин на самит на ФИФА со претставници на сите 211 национални фудбалски асоцијации. Истата вечер повторно се вратил во Лос Анџелес.

За споредба, Инфантино веќе поминал поголемо растојание од која било репрезентација на турнирот.

Најтежок распоред за патување во групната фаза има Босна и Херцеговина, чии фудбалери треба да поминат околу 5.000 километри меѓу трите градови домаќини. Инфантино ја надминал таа дистанца за приближно два дена.

На Светското првенство во Катар во 2022 година, претседателот на ФИФА присуствуваше на сите 64 натпревари. Тогаш најголемото растојание меѓу два стадиони беше околу 74 километри.

На актуелниот турнир, кој се одржува на огромна територија во Северна Америка, најголемото растојание меѓу два стадиони достигнува околу 4.500 километри.

И покрај сложената логистика, Инфантино и на овој Мундијал продолжува со интензивниот распоред, обидувајќи се лично да присуствува на што е можно повеќе натпревари.

Најчитано