Италија по третото мундијалско фијаско тргна по Гвардиола

Италија тргна по Пеп Гвардиола во обид со едно од најголемите тренерски имиња да ја извлече репрезентацијата од најдлабоката криза во поновата историја. Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Џовани Малаго, потврди дека се воделе разговори со поранешниот тренер на Манчестер сити, но договор сè уште нема.

Италијанските медиуми објавија дека техничкиот директор Паоло Малдини и неговиот советник Леонардо отпатувале во Барселона, каде што лично му го претставиле проектот на Гвардиола. Средбата траела околу 36 часа и претставува најконкретен обид досега тој да биде убеден да ја преземе селекцијата.

Планот не е ограничен само на следниот квалификациски циклус. Малдини и Леонардо сакаат Гвардиола да стане главна фигура на четиригодишен проект што треба да го промени начинот на кој играат сениорската и младинските репрезентации и да ја подготви Италија за Светското првенство во 2030 година.

Гвардиола го сослушал предлогот, но не дал позитивен одговор. По заминувањето од Манчестер сити најави дека сака пауза од фудбалот, повеќе време со семејството и живот без секојдневниот притисок што го носи тренерската работа.

Тоа не ја спречило италијанската федерација да продолжи со обидите. Малаго потврди дека за тренер од рангот на Гвардиола би можеле да бидат направени финансиски исклучоци, иако нагласи дека неговото доаѓање воопшто не е сигурно.

Најголемата пречка е платата. Гвардиола во Манчестер сити заработувал околу 24,8 милиони евра бруто годишно, сума што е далеку над сегашните можности на федерацијата. Во Италија се разгледува можност дел од трошокот да го покријат спонзорите и клубовите од Серија А.

Интересот за Гвардиола доаѓа по нов историски неуспех на италијанскиот фудбал. Четирикратниот светски шампион не се пласираше на Светското првенство во 2026 година, откако беше елиминиран од Босна и Херцеговина по изведување пенали.

Тоа беше трето последователно Светско првенство без Италија, по пропуштените турнири во 2018 и 2022 година. Последниот настап на „аѕурите“ на Мундијал останува оној во Бразил во 2014 година.

Џенаро Гатузо ја напушти селекторската функција на 3 април, само неколку дена по елиминацијата. Федерацијата и тренерот спогодбено го раскинаа договорот, по што започна целосна реконструкција на спортскиот сектор.

Малаго беше избран за претседател на федерацијата во јуни, а Малдини доби задача да раководи со целата техничка структура. Леонардо беше назначен за негов советник, со мандат да помогне во изградбата на нов систем од младинските селекции до сениорската репрезентација.

Доколку Гвардиола ја прифати понудата, тоа ќе биде негова прва работа како селектор. Во клупскиот фудбал ги предводеше Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити, со кои освои домашни првенства и три титули во Лигата на шампионите.

Малдини и Леонардо паралелно разгледуваат и други кандидати. Андреа Пирло се споменува како помлада и финансиски подостапна опција, додека во игра повторно е и поранешниот селектор Роберто Манчини.

Разговорите со Гвардиола покажуваат дека Италија не бара само наследник на Гатузо. Федерацијата бара тренер околу кого ќе изгради нов фудбалски идентитет по три последователни неуспеси да стигне до најголемиот турнир.

Најчитано