Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

(ИЗБОР) Албански медиуми: 25 години од Кумановскиот договор и капитулацијата на Милошевиќ; Тони Блер ќе одржи говор пред косовските пратеници; Косово благодарно на меѓународната заедница – српските злосторства не ги простува

СПОДЕЛИ

Во Република Косово се одбележуваат 25 години од ослободувањето, односно Кумановскиот договор и капитулацијата на Слободан Милошевиќ.

По овој повод, косовското собрание ќе одржи седница на која покрај претседателката Вјоса Османи Садриу, пред пратениците ќе одржи говор и поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој важи за еден од најголемите поддржувачи на Косово.

Во продолжение се поместени содржините од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-Прес.

КОСОВО

Зери: 25 години од Кумановскиот договор и капитулацијата на Милошевиќ

Вчера се навршија  25 години од потпишувањето на кумановскиот воено-технички договор со кој заврши војната во Косово.

По овој договор Србија беше принудена да ги повлече сите свои полициски и воени сили од Косово.

Договорот е постигнат по бомбардирањето на НАТО врз српски цели, кое траеше  78 последователни дена, како и по различните дипломатски напори да се стави крај на војната на Косово, во која загинаа повеќе од 10 илјади луѓе, а уште околу 5 илјади исчезнаа  и над 1 милион  Албанци се раселија.

На 12 јуни 1999 година, првите пешадиски трупи на НАТО слетаа во Косово, додека започна повлекувањето на српските сили.

Тогашниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана, на 10 јуни 1999 година издаде наредба за запирање на бомбардирањето и Советот за безбедност на ОН ја одобри резолуцијата 1244, каде беа испратени 37.200 војници на КФОР од 36 земји.

Со влезот на НАТО, на Косово започна формирањето на привремената мисија на Организацијата на Обединетите нации, која  управуваше со земјата на одреден временски период, потсетува косовскиот дневник Зери.

Репортери: Денеска, на 25-годишнината од ослободувањето, Тони Блер ќе одржи говор во Собранието на Косово

Поранешниот премиер на Велика Британија за време на војната во Косово, Тони Блер денеска од 10 часот ќе се обрати пред пратениците на косовското Собрание, пренесува Репортери.

За време на бомбардирањето на НАТО, во 1999 година, Блер беше премиер на Велика Британија.

Тој, заедно со поранешниот американски претседател Бил Клинтон, важат за најголеми поддржувачи на Косово во тоа време.

Телеграфи – Курти: Косово и е благодарно на меѓународната заедница, но не заборава и не ги простува злосторствата на Србија

„Се сеќаваме на последните денови од војната во Косово и првите денови од ослободувањето на Косово од инвазијата на Србија.

Затоа што народот и државата Косово се благодарни за меѓународната помош и поддршка, а не забораваат и не ги простуваат злосторствата на Србија“, напиша меѓу другото косовскиот премиер Албин Курти, пренесе Телеграфи.

РТВ 21 -Свечла: Околу 40 Срби се приклучија на полицијата

Министерот за внатрешни работи ЏелаљлСвечла изјави дека 40 припадници на српската заедница се приклучиле на косовската полиција.

Тој понатаму додаде дека многу други ќе се приклучат во борбата против нелегалните активности и ќе обезбедат безбедност за сите граѓани на Косово.

„Околу  40 членови од српската заедница се приклучија на косовската полиција досега оваа година (тие сега сочинуваат 5% од вкупниот број на нашата полиција). Многу други ќе се приклучат во борбата против нелегалните активности и ќе обезбедат безбедност за сите граѓани на Косово“, напиша Свечла, пренесе РТВ 21.

АЛБАНИЈА

Албеу: Ефекти од пандемијата COVID/ бројки за 2023 година, околу 15 илјади луѓе работат  онлајн во Албанија

Младите Албанци се повеќе  ги сметаат онлајн платформите за вработување како соодветни. Според податоците на регионалниот портал за податоци Гигметар, во Албанија во текот на минатата година на онлајн платформите биле вработени околу 15 илјади лица, пренесува Албеу.

Северна Македонија и Албанија имаат најголем број онлајн вработени во однос на населението од 9 други земји во регионот.

Сепак, вработените преку Интернет сочинуваат само 1,1% од вкупното вработување пријавени во 2023 година за возраст од 15 и повеќе од ИНСТАТ.

Речиси 58% од онлајн вработените во регионот се хонорарци регистрирани во Up-work, доминантната платформа за далечинско работење во регионот.

Заработката од работа на интернет пораснала во просек за 3,2% во 2023 година во споредба со 2022 година, но најголемите добивки имаат земјите со повисоки просечни плати, што дополнително го зголемува јазот во платите во регионот.

КОЛУМНА

Коха: Европа може да биде мирна

„Ако се пресметува врз основа на местата во Европскиот парламент, во новиот мандат до 2029 година, тогаш Европа може мирно да спие.

Проевропските партии, кои не го доведуваат во прашање постоењето на ЕУ, ниту нејзините главни политики, ниту проширувањето, ниту соработката со Америка, НАТО, ниту помошта и отпорот на Украина кон Русија, ќе имаат големо мнозинство. Иако е забележан растот на десницата, тој раст сè Уште е далеку од претставување каква било опасност за иднината на Европа.

И регионот на Западен Балкан и Косово можат да бидат задоволни од резултатот на европските избори, бидејќи во Европскиот парламент во следните пет години ќе има неопходно мнозинство за поддршка на проширувањето на ЕУ и Косово како држава.“, пишува косовскиот колумнист Аугустин Палокај во колумната „Европа може да биде мирна“, објавена во косовскиот дневник Коха.

Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново