Јарболот кај „Ист Гејт“, висок околу 60 метри, се урна на кружниот тек по силното невреме што попладнево го зафати Скопје. Огромната метална конструкција заврши на земја, а според првичните информации, за среќа нема пријавени повредени лица.
Инцидентот се случи кај поранешниот хотел „Континентал“, на една од најфреквентните сообраќајни локации во главниот град. Во моментот кога конструкцијата попуштила, јарболот со македонското знаме паднал покрај коловозот.
Фотографиите и видеоснимките од местото покажуваат дека металниот столб се скршил во долниот дел и паднал по целата должина. На терен биле испратени екипи за обезбедување на просторот и расчистување на конструкцијата.
Нема официјални информации дали во моментот на уривањето во непосредна близина имало возила или пешаци. Првичните извештаи наведуваат дека е причинета материјална штета, но не се објавени детали за нејзиниот обем.
Падот на масивната конструкција отвора прашања за нејзината стабилност, одржувањето и контролите што биле извршени пред невремето. Засега нема соопштение кој управувал со јарболот и кога последен пат била проверена неговата безбедност.
Силниот ветер во Скопје откорна кровови и дрвја, оштети фасади и предизвика проблеми во сообраќајот. Градскиот кризен штаб беше целосно мобилизиран, а во расчистувањето беа вклучени противпожарните, полициските и комуналните служби.
Град Скопје отвори и телефонска линија за граѓаните да пријавуваат штети или да побараат помош од надлежните екипи.
