Киев соопшти дека полски претставници не се појавиле на бараните разговори за блокадата на границата

 Украинска владина делегација денеска ја посети границата со членката на ЕУ Полска за побарани разговори во врска со протестот и блокадата на товари со украинска стока од полски земјоделци, но на назначеното место немало претставници на Варшава, соопшти премиерот на Украина Денис Шмигал.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од својот полски колега Анджеј Дуда, премиерот на земјата Доналд Туск и претставниците на ЕУ да дојдат на границата на Полска со Украина за да разговараат за протестите на земјоделците.

„Украинската влада е тука (на границата) денес“, напиша Шмигал на социјалните мрежи. „За жал, сепак … средба со претставниците на Полска не се одржа“, додаде тој.

„Блокадата на границата задава удар врз целата трговија меѓу Полска и Украина и врз економијата на двете земји. Од ова губи не само Украина, туку и полските претприемачи, кои годишно извезуваат стоки во вредност од 12 милијарди долари на нашиот пазар“, истакна украинскиот премиер.

Кабинетот на полскиот премиер се уште не одговорил на барањето на медиумите за коментар за ситуацијата.

Земјоделците ширум Европа протестираат против ограничувањата што им ги наметна ЕУ преку мерките за справување со климатските промени, како и зголемените трошоци поради, како што велат, нелојалната конкуренција по одлуката на ЕУ во 2022 година да ги укине царините за украинската храна. Со ова ЕУ има за цел да и помогне на Украина по руската инвазија, од чиј почеток утре се навршуваат две години.

Треба да знаете
Moже да ве интересира