Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти НАСА има добри шанси да ги врати астронаутите на површината на Месечината пред да ја напушти Белата куќа на почетокот на 2029 година.
На прашањето дали верува дека американската вселенска агенција ќе ја постигне таа цел за време на неговиот втор мандат, Трамп рече: „Имаме шанса. Не сакаме да кажеме „дефинитивно“, но „мислам дека имаме добри шанси“, рече тој за време на состанокот во Овалната соба со четворицата астронаути од мисијата „Артемис 2“ кои неодамна се вратија од лунарната орбита.
Четирите астронаути – Американците Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Канаѓанецот Џереми Хансен – ја извршија таа мисија претходно овој месец, пробивајќи се подалеку во вселената од кој било човек пред нив. Тоа беше и првото патување со екипаж околу Месечината за повеќе од 50 години.
Соединетите Американски Држави се стремат кон слетување на Месечината до 2028 година. Сепак, експертите се скептични дека лунарните модули што ги развиваат „Спејс Екс“ и „Блу Ориџин“, компаниите на Елон Маск и Џеф Безос, ќе бидат готови на време.
Администраторот на НАСА, Џаред Исаксон, кој присуствуваше на настанот во Белата куќа, му рече на Трамп дека „имаме одржлив план за враќање на Месечината“.
Кина, исто така, напредува со својата програма, поставувајќи цел да испрати астронаути на површината на Месечината до 2030 година.