Кина го тестира новиот брз воз CR450, кој во пробните возења достигна 453 километри на час и треба да стане најбрзиот воз во редовен комерцијален железнички сообраќај.
Планираната оперативна брзина на CR450 е 400 километри на час, за 50 километри повеќе од моделите CR400 „Фусинг“, кои во моментов превезуваат патници со брзина до 350 километри на час.
Прототипите CR450AF и CR450BF првпат беа претставени во Пекинг кон крајот на 2024 година. Во текот на тестирањата еден воз достигнал 453 километри на час, додека два воза што се разминувале постигнале релативна брзина од 896 километри на час.
Возот сè уште минува низ испитувања пред целосно воведување во комерцијалниот сообраќај. Кинеските железници не соопштија прецизен датум кога патниците ќе можат редовно да патуваат со брзина од 400 километри на час.
За да ја достигнат планираната брзина, инженерите ја намалиле тежината на композицијата за околу 50 тони и ја спуштиле висината на покривот за 20 сантиметри. Новата аеродинамична конструкција го намалува отпорот на воздухот за 22 отсто, а возот е околу 10 отсто полесен од претходната генерација.
CR450 е опремен со повеќе од 4.000 сензори што во реално време ги следат тркалата, сопирачките, високонапонскиот систем, управувањето и противпожарната заштита. Вграден е и повеќестепен систем за итно сопирање и технологија за рано откривање опасности на пругата.
Во патничките кабини се користат нови материјали за апсорпција на звукот, со кои бучавата е намалена за два децибела. Внатрешноста е организирана во економска и деловна класа, со пошироки седишта, поголеми масички и дигитални системи за информации и услуги за патниците.
Кина има повеќе од 46.000 километри брзи железнички линии, а развојот на CR450 треба да ја помести границата на редовниот железнички сообраќај од сегашните 350 на 400 километри на час.
