Кој ќе одговара за изгубениот грант од 60 милиони евра за пругата кон Бугарија

Македонија остана без 60,77 милиони евра неповратни средства од Европската Унија за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, откако тендерската постапка не завршила навреме и не бил склучен договор со изведувач во роковите предвидени со ИПА-програмата.

Додека истекувале роковите за европскиот грант, во текот на 2025 година за третата делница од железничкиот Коридор 8 биле потрошени само 10,58 милиони денари, и тоа за експропријација на земјиште. Податокот е наведен во извештајот за работата на ЈП „Железници – Инфраструктура“, пренесува „Фактор“.

За делницата Крива Паланка – граница со Бугарија кон крајот на 2023 година беше затворена финансиска конструкција од околу 560 милиони евра. Таа опфаќаше по 175 милиони евра заеми од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, грант од 149,2 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан и дополнителни 60,77 милиони евра од ИПА 2.

Грантот не бил одземен затоа што Европската Унија се откажала од проектот, туку затоа што Македонија не успеала да ги исполни условите и роковите за негово користење. Тендерот за изградба бил објавен во 2024 година, но постапката била поништена и договор со изведувач не бил потпишан навреме. По истекувањето на роковите, средствата повеќе не можеле да се повлечат.

На ризикот претходно укажувал и Државниот завод за ревизија, кој предупредил дека долгото планирање, недоволната подготвеност и доцнењето на постапките можат да доведат до губење на грантот. И покрај предупредувањата, проектот не стигнал до фаза на склучен градежен договор во потребниот рок.

Владата сега најавува продолжување на третата делница со нова тендерска постапка и со преостанатите извори на финансирање. Во јуни министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека е објавен повик за избор на надзор и дека се подготвува тендерот за изведба во соработка со ЕБОР, ЕИБ и Европската Унија.

Сепак, останува нејасно колку ќе чини проектот по губењето на ИПА-грантот и дали недостигот од 60,77 милиони евра ќе биде покриен со дополнително задолжување, со пари од буџетот или со нови европски средства. Првичните закони за финансирање предвидуваат кредити од вкупно 350 милиони евра, кои ќе се отплаќаат од државниот буџет.

Особено проблематична е разликата меѓу големината на обезбедениот финансиски пакет и реализацијата на терен. Додека биле на располагање стотици милиони евра и неповратен грант, за цела година на третата делница биле реализирани само 10,58 милиони денари за земјиште, без почеток на главните градежни работи.

Пругата од Крива Паланка до бугарската граница е последната и најсложена делница од источниот железнички Коридор 8. Таа треба да го заврши железничкото поврзување со Бугарија, но по повеќегодишни подготовки, променети модели и пропаднати постапки, изградбата сè уште не е започната.

Најчитано