Топлината ги шири живеалиштата на комарците, Европа станува потенцијално жариште на опасни вируси

комарци

Зголемените температури и топлотните бранови во Европа придонесуваат за проширување на живеалиштата на комарците, што, според здравствени експерти, може да го зголеми ризикот од појава и ширење на опасни вируси во нови делови од континентот.

Експертите укажуваат дека потоплите лета и поблагите зими создаваат поволни услови за комарците да преживуваат подолго и да се размножуваат во региони каде што претходно не биле присутни, со што се зголемува ризикот од пренос на болести како Западен Нил, денга и чикунгунија.

Според податоци од европските здравствени институции, некои видови комарци кои пренесуваат вируси веќе се прошириле во голем број европски региони, а во делови од јужна и централна Европа се бележат и локални случаи на зарази кои претходно биле типични за потопли, тропски подрачја.

Здравствените служби предупредуваат дека климатските промени го продолжуваат периодот во кој комарците се активни, што значи подолга сезона на потенцијален ризик за пренос на вируси, особено во летните месеци кога температурите се највисоки.

Експертите апелираат на зголемена превенција, вклучително заштита од убоди од комарци и следење на здравствените препораки, бидејќи во некои случаи овие инфекции можат да предизвикаат сериозни здравствени компликации, особено кај постари лица и ранливи групи.

Најчитано