„Ниту една повеќе“ со блокада пред Владата испорача шест итни барања до институциите

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

Извици, свиркања, повици за оставка, но и транспаренти со пораки. Ваква беше сликата која денес можеше да се види пред зградата на Владата, каде беше организирана блокада од страна на граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“.

Протестот започна со едноминутно молчење посветено на сите жртви на фемицид од оваа година. Првото обраќање го имаше Бети Ангеловска, мајката на 21-годишната битолчанка која пред еден месец беше претепана од своето момче.

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

Од организацијата на блокадата порачаа дека овие пораки ќе ги остават пред Владата за да можат сите да ги видат. Дополнително, граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ испорача шест конкретни барања со рокови до Собранието и Владата по растот од 70 отсто на пријавите за семејно насилство:

Законски измени до 10 декември: Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени во Собранието на 26 август.

Пакет од осум закони: Финализирање на измените на осум закони, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство, подготвувани од работната група формирана во април 2026 година.

Најмалку 200 милиони денари во Буџетот за 2027: Обезбедување наменски пари за специјализирани сервиси за поддршка на жртвите и превентивни програми за сторителите.

Собраниски надзор со рокови: Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство со јасни механизми за следење.

Враќање на сексуалното образование: Повлекување на измените во законите за основно образование и учебници од април 2025 година, како и упатството за заштита од насилство од јули 2025 година.

Одговорност за секој фемицид: Независни проверки на постапувањето на полицијата, обвинителството и социјалните служби за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци.

ФОТО: Јордан Серафимов – Јоцка

Организаторите порачаа дека протестите и блокадите ќе продолжат сѐ додека институциите не обезбедат целосни и правични судски постапки. Најавен е и протест во среда на 25 ноември во 17 часот во паркот „Жена борец“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?