Ковачевски: Влогот во вашето знаење ќе ви се врати повеќекратно низ животот

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати по повод почетокот на академската 2023/2024 година.

Премиерот Ковачевски присуствуваше на првиот академски час и доделувањето индекси на новите студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а на настанот се обратија и министерот за образование, Јетон Шаќири и министерот за здравство, Фатмир Меџити, како и проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и проф. д-р Светозар Антовиќ, в.д. декан на Медицинскиот факултет при УКИМ.

На сите студенти, кои денеска го започнуваат своето академското образование и на сите кои ги продолжуваат студиите, Ковачевски им порача:

„Секогаш вложувајте во вашето знаење, тоa е она што ќе ве формира и како личности и како професионалци и е влог кој ќе ви се врати повеќекратно низ животот. Знаењето е единственото нешто кое никој никогаш не може да ви го одземе. Таму всушност лежи моќта на сите промени кои ќе ги направите и за самите себе и за општеството. Јасно ми е дека многу работи од денешна перспектива ќе ви изгледаат непознати, тешки, и ќе ви изгледаат можеби недостижни, но сакам да ве уверам дека ако сте фокусирани, ако имате отворен ум, ако сте гладни за знаење, за вас нема да има никаква пречка. Вие – и секој поединечно и сите заедно, ако сакате и ако си го поставите како цел, можете да го смените светот околу вас.

Гледајќи ве сите тука денес, се потсетив на деновите кога бев на ваше место и на мојот пат . Бев и студент. Бев и 22 години дел од различни компании во приватниот сектор. Бев и еден од оние кои правеа први чекори во воведување нови технологии во нашата држава кои денес се користат. Сум дел и од академската заедница. И денес после позицијата заменик министер за финансии, без избран за најголемата чест која може да му припадне некого, а тоа е да ја предводам Владата и да бидам претседател на Владата.

И низ сите овие години, во сите тие чекори, без разлика на достигнувањата, или на позицијата која сум ја имал, она што го научив и што го стекнав како знаење низ годините и она што го учам секој ден, со тие со кои соработувам, беше, и останува единствена константа на секојдневието. Таа желба за знаење е она кое ме направи тоа што сум денес, единственото нешто кое ми даваше верба дека можам. Дека можам повеќе и можам подобро.

Сакам да ви посочам нешто многу важно: Не заборавајте дека секој ден е можност да научите многу повеќе и да постигнете многу повеќе. И затоа ве охрабрувам да сте љубопитни и да прашувате, секој ден, затоа што тоа е единствениот начин како ќе учите и ќе продолжите да се стекнувате со знаења. Така ќе станете добри доктори, научници. На другите факултети студентите ќе станат добри економисти, уметници, градители, музичари, инженери, лидери – луѓе кои ќе се иднината на нашата земја.
Често велам, со напорна работа, нема недостижна цел. И тоа е точно и тука и денес. И ќе биде точно и утре кога ќе сте веќе навлезени во она море на информации, податоци, искуства и знаења кои ќе ви помогнат да си го поставите вашиот пат и целосно да си ги исполните желбите и соништата, но и вашите лични капацитети и амбиции.

Професорите се тука за ви дадат насока и знаење, а на вас ќе остане да го употребите тоа и да ги придвижите работите напред. И за себе и за сите нас, истакна Ковачевски.

Премиерот ги повика идните студенти, заедно да направиме држава на успешни и среќни луѓе, кои ќе ја градат својата иднина во својата родна земја.  Држава на амбициозни луѓе, луѓе кои сакаат да направат повеќе, а не луѓе кои ќе се жалат дека некој ги спречил и направиле помалку.

„Луѓето се најважен ресурс за развојот на која било држава. Развојот значи економски раст, но значи и подобрување на квалитетот на живот на луѓето. Значи подобро здравство, подобро образование, социјална стабилност, шанси за личен напредок, перспективи – дома. И затоа ние денес, како  Влада, вложуваме во човечкиот капитал. Клучно значење има квалитетот на високото образование, што го унапредуваме во соработка со универзитетите и со нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД. Резултатите ги очекуваме на среден рок, затоа што секоја квалитетна реформа бара време, бара човечки и бара финансиски ресурси. Но, насоката е заземена – тоа е македонско образование, по успешни европски пракси. Во 2018 година донесовме целосно нов Закон за високо образование што ја гарантира академската слобода на делување и изразување и обезбедува повеќе права и можности за наставниот и научниот кадар, како и за студентите. А веќе дискутираме и за надградба на Законот и тоа наскоро ќе се случи. Исто така, во моментов се работи на 4 клучни стратешки документи за изградба на квалитетен национален систем за високо образование до 2025 година“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира