Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, по третата неуспешна средба меѓу претставниците на власта и опозицијата за подобрување на изборните услови, рече дека меѓународната заедница е против идејата за бојкот на изборите, јави дописникот на МИА од Белград.
-Тука сум како набљудувач. Тоа беше многу тежок дијалог, меѓународната заедница не гледа благонаклоно на бојкотот, но тоа е прашање што ќе треба да го решат учесниците во дијалогот во Србија, рече тој, истакнувајќи дека е добро е да се водат разговори.
„Тие не се само важни, посочи тој, туку и се тешки. Дијалогот е добар, иако често не води до договор, но важно е да се разговара“, смета Хил.
-И не е важно само да се постигне договор. И ние во САД имаме такви дијалози, но мило ми е што гледам дека има позитивен тон во овие преговори… Но, секако сум свесен за сите присутни проблеми. Ние сме тука како набљудувачи, заинтересирани сме Србија да успее во тоа и да се спроведат препораките на ОДИХР, изјави Хил за новинарите.
Третата средба меѓу власта и опозицијата со која претседаваше Ана Брнабиќ за спроведување на препораките на ОДИХР за подобрување на изборните услови, на која присуствуваа претставници на парламентарните партии, од невладиниот сектор и амбасадорите на САД и ЕУ, Кристофер Хил и Емануел Џофре заврши, повторно без резултат, откако опозицијата ги напушти разговорите.
Изборите за собранието на град Белград се распишани за 2 јуни, додека останатите локални избори, меѓу кои и за белградските општини се уште не се распишани.