ЛДП: Македонија доживеа дебакл од 0:5 против Молдавија и Романија во соработката со Индија

ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) ја објави официјалната секторска споредба од ефектите од регионалната турнеја на индиската претседателка. Бројките се сурови и црно на бело ја покажуваат катастрофалната разлика меѓу дипломатија што носи пари за домашниот бизнис и дипломатијата заснована за сликање на социјалните мрежи.

„Билансот за Македонија е поразителен: 0 потпишани договори, 0 правни олеснувања и 0 нови пазари!

Додека Молдавија и Романија остварија максимален резултат од 5 од 5 конкретни договори во сите клучни сектори, македонската делегација забележа чиста нула и нула акциски план.

Споредбениот биланс по сектори го открива целиот аматеризам на македонските функционери: 

Правни договори: Молдавија и Романија потпишаа конкретни меморандуми за соработка. Македонија не потпиша ништо, а единствениот физички чин беше откривање на донирана биста! 

Фармација и здравство: Кишињев и Букурешт договорија олеснети процедури за увоз на лекови и заеднички истражувачки проекти. Македонија остана на флоскулата „општа желба за инвестирање”. 

Земјоделие и трговија: Молдавија договори конкретен извоз на вино и агро-технологија, а Романија го позиционираше пристаништето Констанца како главна порта за индиските стоки. Македонија најавува бајки за 400 милиони долари трговска размена – без ниту еден карго-лет, без транспортни рути и без идеја како да го оствари тоа! 

ИТ сектор: Молдавија ја интегрираше Индија во нивните технолошки паркови, а Романија договори сајбер-безбедност. Македонија си игра со зборови за вештачка интелигенција без никаква агенда. 

Визи и инфраструктура: Молдавија веднаш формираше работни групи за олеснување на визите за деловни луѓе. Македонија си остана на истиот застарен и строг визен режим без какви било иницијативи за промена“ велат од ЛДП.

Според ЛДП овој споредбен фијаско-пораз покажува дека македонските институции или не знаат, или не сакаат да работат во интерес на домашната економија.

„Жално е што неспособноста наместо да се надомести со соработка и поддршка од дома за совет или идеја, се манифестира со порази за Македонија и за стандардот на македонските граѓани. Барем може да се отиде да се научи нешто во Кишинев или во Букурешт како се води економска дипломатија и да се дојде назад дома со направен реален акциски план за Македонија. На македонскиот бизнис му требаат резултати и пари, а не трошоци за службени ручеци, вечери и пропуштени шанси“ стои во соопштението на ЛДП.

Најчитано