Туристите што летово ќе престојуваат на француското крајбрежје ќе треба да внимаваат каде се движат без маица или само во костим за капење, бидејќи во повеќе популарни летувалишта за таквото однесување се предвидени казни до 150 евра.
Локалните власти нагласуваат дека облеката соодветна за плажа не е прифатлива и за градските улици, плоштади, шеталишта и историски центри.
Еден од градовите што ги заострува правилата е Нарбон, на југот на Франција, каде мерките ќе важат до крајот на септември. Полицијата веќе започнала со санкционирање на прекршителите.
Правилото не значи забрана за сончање или престој без маица на плажите. Туристите и понатаму можат слободно да носат костими за капење покрај морето, но пред да се упатат кон центарот, рестораните, продавниците или градските знаменитости треба да облечат соодветна облека.
Градските власти објаснуваат дека целта не е ограничување или протерување на туристите, туку одржување пристојна и пријатна атмосфера во јавниот простор во текот на летната сезона.
Слични правила важат и во познатото летувалиште Довил, каде казните што порано биле значително пониски сега можат да достигнат 150 евра.
Иста практика применуваат и Аркашон и Ле Сабл д’Олон на атлантскиот брег. Во овие места се санкционира движењето низ градот без маица, како и престојот во јавни простори само во костим за капење.
Локалните власти порачуваат дека туристите се добредојдени, но дека плажата и градскиот центар не треба да се третираат како ист простор.
Затоа, покрај кремата за сончање, капата и пешкирот, туристите што патуваат во Франција ова лето треба да понесат и маица при секое излегување од плажата.
