Поранешниот вицепремиер и министер за земјоделство Љупчо Николовски тврди дека предметот за кој бил повикан на информативен разговор е „монтиран случај“ и обид за дефокус од актуелните проблеми во земјоделството, доцнењето на субвенциите, ниските откупни цени и скандалите поврзани со ИПАРД и институциите од аграрниот сектор.
Николовски реагираше откако МВР потврди дека на 7 мај бил повикан во Единицата за економски криминал и корупција, а во јавноста беа објавени информации дека предметот се однесува на наводна злоупотреба поврзана со јавна набавка во вредност од над 800.000 евра. Од МВР не беа соопштени детали за случајот, освен дека се преземаат дополнителни активности.
Во објавата Николовски наведува дека не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци, туку за, како што тврди, политички конструиран случај со кој власта се обидува да го нападне проектот што тој го претставува како една од најуспешните реформи во земјоделството.
Тој во фокусот ги става малите семејни винарии, малите производители на храна и руралните семејства кои, според него, добиле можност легално да произведуваат и продаваат од куќен праг. Николовски наведува дека во неговиот мандат биле отворени над 270 нови семејни винарии, легализирани над 4.000 мали производители на храна и создадени околу 1.000 нови етикети македонско вино.
Поранешниот министер тврди дека ударот врз оваа реформа доаѓа во момент кога аграрниот сектор се соочува со сериозно незадоволство. Во реакцијата тој ги посочува доцнењето на субвенциите, ниските откупни цени, поништените повици за рурален развој и неизвесноста околу ИПАРД како прашања од кои, според него, власта се обидува да го тргне вниманието.
Во изминатиот период земјоделскиот сектор беше оптоварен со повеќе случаи и институционални реакции поврзани со ИПАРД и со раководни лица во институциите. Обвинителството отвори предмети за примање и давање мито поврзани со Платежната агенција, а во друг случај директор на Државниот инспекторат за земјоделство беше осомничен за примање поткуп.
Европската комисија претходно информираше дека прекинот на барањето за исплата за третиот квартал од 2025 година во рамките на ИПАРД 3 не значи суспензија на целата програма, додека Министерството за земјоделство тврдеше дека нема одлука за суспензија на средствата од ИПАРД III.
Николовски, пак, во објавата оценува дека „криминалот не се покрива со монтирани случаи“ и дека „неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси“. Тој им се заблагодари на земјоделците, винарите и производителите кои, како што наведе, го контактирале деновиве, порачувајќи дека тие најдобро знаат што донела реформата на терен.