Македонија ја презеде истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“: Прозорецот се скршил над македонскиот воздушен простор

Македонија официјално ја презеде истрагата за сериозниот инцидент со авионот на „Рајанер“, при кој прозорец на патничката кабина се скрши за време на летот, а еден патник беше делумно извлечен од силната декомпресија. Одлуката е донесена бидејќи инцидентот се случил додека авионот летал над македонскиот воздушен простор, согласно меѓународните правила за воздухопловни истраги.

Станува збор за лет на „Рајанер“ од Солун кон Меминген, Германија. Кратко по полетувањето, авионот „Боинг 737-800“ пријавил дефект на десниот мотор, по што делови од моторот, според првичните информации, го оштетиле прозорецот на патничката кабина. Наглата декомпресија предизвикала паника меѓу патниците, а кислородните маски автоматски се активирале.

Најтешко повреден бил 61-годишен српски државјанин, кој седел до оштетениот прозорец. Според официјалните информации, тој бил делумно извлечен од авионот поради силата на воздушниот притисок, но останатите патници успеале да го повлечат назад во кабината. Со полесни повреди и изгореници од силниот воздушен удар бил пренесен во болница по безбедното слетување во Солун.

Истрагата ја водат македонските воздухопловни власти, со поддршка од американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), компанијата „Боинг“ и производителот на моторите CFM International. Целта е да се утврди дали оштетувањето на прозорецот било директна последица на дефектот на моторот или постоеле и други технички фактори што довеле до инцидентот.

Авионот по инцидентот безбедно се вратил и принудно слетал на аеродромот во Солун, каде патниците биле евакуирани. „Рајанер“ обезбедил заменски авион за продолжување на патувањето кон Германија, додека оштетеното летало останува приземјено до завршување на техничките проверки и истрагата.

Најчитано