Македонија стави два противпожарни авиона на располагање во рамки на европскиот систем за заштита од шумски пожари. Леталата се дел од воздушната флота која преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ може да биде испратена во европските земји каде што пожарите ќе бараат дополнителна помош.
Европската комисија за ова лето подготви рекорден капацитет за интервенции при пожари. Во заедничката флота има 22 противпожарни авиони и пет хеликоптери, распоредени во 12 земји, а меѓу нив се и двата лесни авиона од Македонија.
Дополнително, 777 пожарникари од 14 европски земји се однапред распоредени во подрачја со висок ризик во Грција, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и Кипар. Целта е екипите да можат побрзо да реагираат кога пожарот ќе излезе од капацитетите на националните служби.
Македонските авиони се дел од системот кој овозможува земја погодена од голем пожар да побара меѓународна помош. Барањето потоа се доставува до земјите учеснички, кои можат да понудат авиони, хеликоптери, пожарникари, возила или друга опрема, а Европската комисија ја координира и кофинансира интервенцијата.
Македонија и претходно ја користела европската солидарност при големи пожари. Во 2024 година, по активирањето на Механизмот за цивилна заштита, во земјава беа испратени авиони и хеликоптери од повеќе држави за помош во гаснењето на пожарите.
Годинава улогата е и обратна. Двата македонски авиона се ставени во европскиот противпожарен капацитет и можат да бидат ангажирани надвор од земјата доколку се појави потреба.
Европската комисија предупредува дека пожарните сезони стануваат подолги и поинтензивни, поради што за 2026 година е подготвен најголемиот досега европски капацитет за заедничка интервенција.
