Деновиве неколку македонски кинематографери, актери и продуценти имаа промотивни активности во Софија и го посетија Културно-информативниот центар на РСМ.
Фејми Даут – Феко, директор на фотографија на најуспешниот македонски филм, документарецот „Медена земја” (награда со колегата Самир Љума на Асоцијацијата на американските кинематографери; две номинации за „Оскар“ за филмот), престојува во Софија, подготвувајќи го својот нов филм со бугарските продуценти.
![](https://racin.mk/wp-content/uploads/2023/03/fejmi-daut-sashko-nasev.jpg)
Даут ја посети изложбата „Реминисценции“ на Марјан Ѕингаров, искажувајќи позитивни импресии од изложените дела.
По успешното презентирање на филмот „Кајмак“ на македонски режисер Милчо Манчевски на Меѓународниот Софија Филм Фест, и дел од екипа на филмот – Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска и продуцентот Јане Ќортошев – го посети Културно-информативниот центар. Манчевски годинава е претседател на жирито на Софискиот филмски фестивал, на кој се прикажуваат уште шест негови филмови.
![](https://racin.mk/wp-content/uploads/2023/03/kajmak-sofija-glumczi.jpg)
Д-р Сашко Насев, директорот на КИЦ, ги запозна колегите со богатата програма на КИЦ за 2023 година, кога Центарот одбележува 20 години од неговото основање и 18 години од неговото отворање.