Македонските дебатери освоија прво место на меѓународниот турнир „Prague Debate Spring 2026“, кој од 10 до 13 јули се одржа во Прага. Тимот „Macedonia Red“ на Младинскиот образовен форум триумфираше во почетничката категорија, што е прв ваков трофеј за македонски тим на овој турнир.
Победничкиот тим го сочинуваа Јана Господинова, Ана Василева, Стефан Николовски и Матео Зафировски. По шест прелиминарни рунди, тие беа највисоко рангираниот почетнички тим, а победничката серија ја потврдија и во финалето.
Македонија ја претставуваше и тимот „Macedonia Yellow“, составен од Спасе Панев, Искра Ѓероска, Ема Велјановска и Елена Николова. Тимот се пласираше во осминафиналето на отворената конкуренција, каде што беше елиминиран од претставниците на Тајван.
Дополнително признание освои Искра Ѓероска, која беше рангирана како деветти најдобар говорник во категоријата за натпреварувачи на кои англискиот јазик не им е мајчин.
Турнирот беше дел од младинскиот форум на Меѓународната дебатна образовна асоцијација и собра околу 300 млади дебатери од Европа, САД, Канада, Кина, Јапонија, Тајван, Јужна Африка и други земји. Учесниците дебатираа на теми што ги добивале непосредно пред натпреварите, со акцент на аргументацијата, анализата и јавното говорење.
Македонските тимови од 2023 година редовно учествуваат на турнирот во Прага и се пласираат меѓу најдобрите 16 во конкуренција од повеќе од 60 екипи. Успехот во Прага следува по победи на регионален турнир во Тирана и на меѓународен турнир во Парма во изминатите два месеца.
