Манчевски сними документарец за Кочани: Хероите се добрите луѓе

Македонскиот режисер Милчо Манчевски сними документарен филм за трагедијата во Кочани, во кој главниот збор им го препушта на преживеаните, семејствата на загинатите и луѓето што помагале по пожарот во дискотеката „Пулс“.

Филмот „Добри луѓе“ е снимен само еден месец по трагедијата од март 2025 година, во која загинаа 63 лица. Манчевски во интервју за белградски „Данас“ вели дека сакал директно да ги забележи болката, мислите и чувствата на луѓето чии животи биле променети за една ноќ.

Документарецот е направен без наратор, музика и разубавување на кадрите. Режисерот го опишува како суров и непосреден филм, во кој приказните и соговорниците се поважни од авторската интервенција.

„Што сум постар, толку ми е појасно дека хероите не се војсководците, туку добрите луѓе. Тие се поважни и од успешните, паметните и убавите“, вели Манчевски, објаснувајќи го изборот на насловот.

Според него, неколку од соговорниците првпат пред камера зборувале за она што го преживеале во ноќта на пожарот и во деновите потоа. Посебна помош при снимањето дала организацијата „Support Kočani“, која била активно вклучена и во поддршката на повредените и семејствата по трагедијата.

„Добри луѓе“ трае 86 минути и ќе има светска премиера во натпреварувачката програма за документарен филм на 32. Сараевски филмски фестивал, кој ќе се одржува од 14 до 21 август. Фестивалот го опишува филмот како воздржано сведоштво за тагата, преживувањето, човечката поврзаност и отпорноста на луѓето по катастрофата.

Манчевски во интервјуто повторно говори и за судирот со Агенцијата за филм. Тој тврди дека бил изложен на опструкции откако пријавил корупција во филмскиот сектор и дека неговите проекти биле незаконски блокирани. Станува збор за тврдења на режисерот изнесени во интервјуто за „Данас“.

Паралелно со документарецот, Манчевски го завршил и играниот филм „Сестра, брат и шахта“, за кој најавува премиера на фестивал од А-категорија.

Најчитано