Маричиќ: Отворен Балкан е добра, позитивна иницијатива, донесе многу придобивки за граѓаните

„Отворен Балкан е една добра, позитивна иницијатива која што донесе многу придобивки за граѓаните. Од оние унифицирање на работните дозволи, признавање на квалификациите, отворање на гранциите, зголемување на можностите за трговија и секоја иницијатива која дава конкретни придобивки за граѓаните, ние ја поддржуваме и треба да ја поддржуваме“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за Канал 5.

Запрашан за најавувањето за повлекување од иницијативата од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, Маричиќ рече дека на таа тема не е разговарано.

„Впрочем јас не знам дека има нешто ново планирано како иницијатива во Отворен Балкан и не знам зошто воопшто би дискутирале за такво нешто. Нас ни беше во текот на целата оваа иницијатива, битни принципиелно неколку работи. Прво дека ќе учествуваме во неа се додека таа носи конкретни придобивки за граѓаните, а не се занимава со политички прашања. Затоа не треба многу ни да политизираме во предизборието иако знам дека е згодно за некои“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека другиот услов за учеството е никој да не биде изоставен, односно да има добар баланс на односите помеѓу сите земји во иницијативата за сите да се движат напред заедно.

„И инсистиравме на уште една работа, таа иницијатива да остане отворена за сите останати. Знаете дека Црна Гора учествуваше, не се приклучи официјално, но учествуваше. Босна и Херцеговина учествуваше. Косово за жал не успеавме да го привлечеме да учествува, но ние инсистиравме таа иницијатива да остане отворена, и остана“, посочи Маричиќ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира