Марин Ле Пен повторно фаворит за Елисејската палата, покажуваат најновите анкети

Лидерката на француската десница Марин Ле Пен повторно е водечки фаворит за победа на претседателските избори во Франција, покажуваат најновите анкети на јавното мислење, објавени неколку дена по судската одлука со која ѝ беше овозможено да се кандидира на изборите.

Според истражувањата на Ifop и Harris Interactive, Ле Пен би освоила околу 36 проценти од гласовите во првиот изборен круг, што е значителна предност во однос на нејзините потенцијални противкандидати. Во симулациите за вториот круг, таа има предност и против поранешниот премиер Едуар Филип и против поранешниот премиер Габриел Атал.

Новите анкети доаѓаат по пресудата на Апелацискиот суд, кој ја потврди нејзината вина во случајот со злоупотреба на средства од Европскиот парламент, но истовремено ја скрати забраната за кандидирање, со што ѝ овозможи повторно да влезе во претседателската трка. И покрај правните проблеми, поддршката за неа не бележи пад, туку напротив – во дел од анкетите дури и расте.

Политичките аналитичари оценуваат дека Националниот собир (Rassemblement National) успеал дополнително да го прошири своето гласачко тело, особено меѓу избирачите кои се незадоволни од економската состојба, миграциската политика и долгогодишната политичка нестабилност во Франција. Во исто време, центристичкиот блок и левицата остануваат поделени, што дополнително ја подобрува позицијата на Ле Пен.

Сепак, нејзината кандидатура продолжува да предизвикува силни политички реакции. Дел од француската јавност смета дека поради судската пресуда не треба да се кандидира за претседател, додека нејзините поддржувачи тврдат дека случајот има политичка заднина и дека конечниот збор ќе го има највисокиот француски суд.

Доколку актуелните трендови се задржат, Франција би можела да се соочи со една од најнеизвесните претседателски изборни трки во последните децении, при што Марин Ле Пен во моментов влегува како кандидат со најсилна почетна позиција.

Најчитано