Мицкоски ангажирал приватна агенција за следење на опозицијата, велат од СДСМ

ЗНМ

Орбан уште 2018 година ги однесе “Black Cube” во Унгарија и ги користеше за валкани операции против политичките противници, сега истата тактика ја применуваат и во Македонија, велат од СДСМ.

„Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ се обидуваат да фабрикуваат афери против СДСМ преку странски приватни разузнавачки агенции.

„Black Cube” е позната израелска приватна разузнавачка компанија, често наречена „приватен Мосад”.  Се занимава со следење, собирање информации, провокации и фабрикување афери против политички цели. 

Компанијата е позната по своите спорни методи и соработка со авторитарни режими.

Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за да ги следи функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче. 

Тимот на „Black Cube” неодамна престојувал во Скопје и во еден ексклузивен хотел имале состанок со заштитниците на криминалната група ВМРО. На состанокот присуствувал и еден бизнисмен, многу близок до ВМРО, кој треба да го финансира ангажманот на оваа приватна израелска компанија“ се наведува во соопштението.

Оттаму додаваат дека целта е јасна – да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се фабрикуваат афери за да се дискредитира СДСМ.

„Ова се случува токму сега, кога ВМРО е во слободен пад, веќе изгуби над 150.000 гласа. 

Орбановата медиумска мрежа во Македонија паѓа поради финансиска блокада, а Мицкоски е принуден да ја финансира од буџетот – со пари на граѓаните на Македонија. 

Нервозата е толку голема што Мицкоски јавно се заканува со „имам чувство” дека ќе почнат гонења против функционери на СДСМ и нивните семејства.

Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога легалните инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да се прават лажни афери и да се заплашува опозицијата.

Ние не плашиме од приватни „Мосад-и”, ниту од „чувствата” на Мицкоски. Ќе продолжиме да инсистираме на вистината, на независното правосудство и на европскиот пат на Македонија“ велат од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен