Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска ја задолжи Службата за заеднички и општи работи, да ја врати оградата околу владината зграда.
Оградата што ја постави поранешниот премиер Никола Груевски, пред седум години ја отстрани поранешната Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев. Тогаш беше најавено дека тоа се прави со цел просторот пред Владата да биде отворен за граѓаните.
„Со оглед на тоа што досега објектот на Владата е опкружен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи СОЗР да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена“, велат од Владата.
Истовремено директорот на СОЗР, Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка. (ЦивилМедиа)