Бела пена во Вардар се појави попладнево кај вливот на Лепенец во Скопје, а инспекциските служби земаат примероци за да утврдат каква материја се влеала во реката и од каде потекнува. Составот на пената засега не е познат, поради што институциите не соопштуваат што точно го предизвикало загадувањето.
Големи наноси од бела пенлива материја прво биле забележани во Лепенец, по што продолжиле да се движат директно во Вардар. На терен излегле инспектори од Државниот инспекторат за животна средина и од Град Скопје, кои вршат надзор и го испитуваат квалитетот на водата.
Во потрагата по можниот извор е вклучен и дрон, со кој се проверува течението на реката и околината. Екипи на ЈП „Водовод и канализација“ земале примероци што треба да покажат за каква супстанција станува збор и дали таа претставува ризик за реката и животната средина.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека ќе се бара одговорност доколку се утврди кој ја испуштил материјата. Тој посочи дека покрај Лепенец работат повеќе компании, но засега нема официјална потврда дека загадувањето потекнува од конкретен објект или индустриски капацитет.
Државниот инспекторат соопшти дека постапката е во тек и дека јавноста ќе биде информирана откако ќе бидат завршени испитувањата и ќе пристигнат официјалните резултати од анализите.
