Монтела по мундијалскиот крах: Главите горе, не можеме да се бориме со судбината

Селекторот на Турција, Винченцо Монтела, им порача на своите фудбалери да ги кренат главите по болната елиминација од Светското првенство, оценувајќи дека репрезентацијата била погодена од неверојатна неефикасност и недостиг од среќа.

Турција го загуби и вториот натпревар во групата Д, откако Парагвај славеше со 1:0 и покрај тоа што целото второ полувреме го одигра со фудбалер помалку.

Избраниците на Монтела повторно доминираа, создаваа можности и постојано го притискаа противничкиот гол, но не успеаја да постигнат погодок.

Турските фудбалери упатија 32 удари против Парагвај, откако во воведниот пораз од Австралија имаа уште 30 обиди. Вкупно 62 удари во два натпревари без ниту еден гол претставуваат неславен мундијалски рекорд откако се води деталната статистика од 1966 година.

„Во фудбалот сум 35 години. Вакви работи обично се случуваат еднаш во 50 години, а нам ни се случија на два натпревари“, изјави Монтела.

Тој нагласи дека не може да им забележи на фудбалерите за борбеноста и пристапот, бидејќи, според него, тимот покажал срце и душа, но не успеал да ги претвори шансите во голови.

„Им реков на играчите да ги држат главите горе. Како што велат, не можеш да се бориш со судбината“, порача италијанскиот стратег.

Турција пристигна на Мундијалот со големи очекувања, откако на Европското првенство во 2024 година стигна до четвртфиналето и создаде генерација предводена од Арда Ѓулер, Хакан Чалханоглу и Кенан Јилдиз.

Наместо борба за нокаут-фазата, турската селекција доживеа два порази, не постигна ниту еден гол и остана без бодови.

Последниот натпревар против домаќинот САД нема да може да ја спаси Турција од елиминација, но за Монтела и неговите фудбалери ќе биде можност да се простат од турнирот со достоинствен настап.

Најчитано