Властите во Мостар прогласија вонредна состојба и техничко-технолошка несреќа по големиот пожар што избувна на градската депонија и предизвика сериозно загадување на воздухот.
Одлуката била донесена на заедничка вонредна седница на градскиот и жупанискиот штаб за цивилна заштита, откако пожарот предизвикал значителна материјална штета, а густ чад го прекрил градот.
Според противпожарната единица на Мостар, сите расположливи сили се ангажирани на терен. Пожарот засега не се шири, но од депонијата и натаму се издига густ чад и силен мирис на изгорено.
Последните мерења покажале дека квалитетот на воздухот е на многу лошо ниво.
Пожарот избувнал во понеделникот околу 9 часот и брзо зафатил магацински простории, постројки и работни машини за рециклирање.
Во интервенцијата се вклучени противпожарни единици, цивилната заштита, медицински тимови, воздухопловни сили, Вооружените сили на Босна и Херцеговина и други спасувачки служби.
Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, изјави дека се предизвикани огромни штети на локалитетите Буѓевци и Уборак.
Според него, целосно изгорела салата за рециклирање, оштетена е опремата на депонијата, додека пожарникарите успеале да ја спасат административната зграда.
Надлежните служби продолжуваат со гаснењето и следењето на квалитетот на воздухот, додека жителите се соочуваат со чад и зголемен ризик од загадување.
