Мурму пречекана со највисоки почести во Скопје

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Скопје со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Индија, Друпади Мурму, со што официјално започна првата посета на индиски претседател на Македонија.

На свечената церемонија во Кабинетот на претседателот беа интонирани химните на двете држави, по што претседателките ја поздравија почесната гарда и ги претставија членовите на македонската и индиската делегација.

По церемонијалниот пречек, Сиљановска-Давкова и Мурму одржаа тет-а-тет средба, а потоа следуваше пленарен состанок на делегациите на двете земји. Разговорите беа насочени кон политичките и економските односи, како и кон можностите за продлабочување на соработката во образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација.

Двете претседателки разговарале и за актуелните глобални состојби, при што ја нагласиле потребата од почитување на меѓународното право и мирно решавање на споровите. Политичкиот дијалог и засилената соработка меѓу институциите биле посочени како основа за нова динамика во односите меѓу Македонија и Индија.

Сиљановска-Давкова оцени дека посетата претставува важен исчекор во проширувањето на билатералната соработка. Како историски и културни врски меѓу двете земји ги посочи наследството на Мајка Тереза и искуството од Движењето на неврзаните.

Според македонската претседателка, геостратешката положба на Македонија, нејзините инфраструктурни коридори и пристапот до европскиот пазар можат да бидат од интерес за индиските компании и инвеститори. Во фокусот на разговорите биле можностите за зголемување на трговската размена и за поврзување на деловните заедници.

Мурму ја оцени својата посета како историски момент и изрази подготвеност за развивање пошироко партнерство меѓу двете земји. Индија ја гледа Македонија и како земја со поволна позиција за пристап до европските пазари и можности за соработка во фармацијата, информатичката технологија, земјоделството, прехранбената индустрија и образованието.

Дипломатските односи меѓу Македонија и Индија беа воспоставени во февруари 1995 година. Индија беше и меѓу државите што ја поддржаа резолуцијата за прием на Македонија во Обединетите нации, а двете земји во изминатите децении склучија повеќе договори за економска, дипломатска и институционална соработка.

Во рамките на посетата, индиската претседателка треба да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“. Предвидена е и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, потпишување во Книгата на впечатоци и обраќање пред пратениците.

Во Скопје ќе се одржи и македонско-индиски бизнис-форум, на кој ќе се обратат Сиљановска-Давкова и Мурму. На индиските компании ќе им бидат претставени инвестициските можности во Македонија, а форумот треба да овозможи директни контакти меѓу претставници на деловните заедници од двете земји.

На вториот ден од посетата, двете претседателки ќе ја посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што е предвидена церемонија за откривање биста на Махатма Ганди. Потоа ќе отпатуваат во Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“ и повеќе цркви и културно-историски локалитети во стариот дел на градот.

Мурму пристигна во Скопје по посетата на Молдавија, како дел од европската турнеја што ја опфаќа и Романија. На скопскиот аеродром ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Поради движењето на официјалните делегации, во делови од поширокото централно подрачје на Скопје се применува посебен сообраќаен режим. Полицијата ги повика граѓаните да ги почитуваат наредбите на униформираните службеници.

Најчитано