Најава за големо цунами во Јапонија, премиерката бара итна евакуација

Јапонската премиерка Санае Такаичи ги повика жителите во погодените крајбрежни области веднаш да се евакуираат на повисоки места, откако силен земјотрес го погоди североисточниот брег на Јапонија и предизвика предупредување за цунами. Пораката беше упатена додека властите предупредуваат дека бранови до три метри може да стигнат до делови од брегот во префектурите Ивате, Аомори и Хокаидо.

Земјотресот се случил во Пацификот, во близина на брегот на Санрику, со магнитуда што во различни првични извештаи се наведува меѓу 7,4 и 7,5 степени. Според јапонската метеоролошка агенција, потресот бил на мала длабочина, околу 10 километри под морското дно, што го зголемува ризикот од цунами по должината на североисточниот брег.

Првите бранови веќе биле регистрирани во префектурата Ивате. Во пристаништето Куџи бил измерен бран од околу 80 сантиметри, а во друго пристаниште во истата област бил забележан помал бран од околу 40 сантиметри. Властите предупредуваат дека првиот бран не мора да биде најголем и дека жителите не треба да се враќаат во крајбрежните зони додека не биде повлечено предупредувањето.

Такаичи соопшти дека е формиран кризен штаб за следење на состојбата, процена на можни штети и координација на институциите. Јапонските медиуми објавија снимки од бродови што го напуштаат пристаништето Хачинохе, додека железничките оператори привремено запреле дел од брзите возови во Аомори поради безбедносни проверки.

Предупредувањето опфаќа делови од Ивате, Аомори и југоисточен Хокаидо, а послаби предупредувања и совети се издадени и за Мијаги и Фукушима. Властите ги повикуваат граѓаните да се оддалечат од брегот, речните устии и ниските подрачја, и да се движат кон повисок терен или кон означени згради за евакуација.

Јапонија е една од најсеизмички активните земји во светот и редовно се соочува со силни земјотреси поради положбата на Пацифичкиот огнен прстен. Секое предупредување за цунами во североисточниот дел од земјата отвора и сеќавање на катастрофата од 11 март 2011 година, кога земјотрес со магнитуда 9,0 и последователно цунами предизвикаа огромни човечки и материјални загуби, како и нуклеарната несреќа во Фукушима.

Засега нема потврдени информации за поголеми штети, а операторите на енергетски и нуклеарни постројки во регионот вршат проверки на инфраструктурата. Јапонските власти нагласуваат дека при вакви настани клучно е граѓаните да не чекаат визуелна потврда на бранови, туку веднаш да ги следат инструкциите за евакуација.

Зачлени се на нашиот е-билтен