Најсмртоносниот пожар во Андалузија однесе 12 животи, околу 1.000 луѓе се евакуирани

Најмалку 12 лица загинаа во шумскиот пожар што со огромна брзина се прошири во јужна Шпанија, во околината на општината Лос Гаљардос во провинцијата Алмерија. Околу 1.000 жители беа евакуирани, а спасувачките екипи продолжуваат да го пребаруваат опожареното подрачје.

Пожарот избувнал во четвртокот и за кратко време зафатил шумски и населени подрачја во близина на Бедар и планинскиот масив Сиера де лос Филабрес. Ширењето на огнот било забрзано од екстремно високите температури, силниот ветер и целосно исушената вегетација.

Според последните информации на регионалните власти во Андалузија, осум лица се повредени, од кои четири се во тешка состојба. Уште 19 лица се водат како исчезнати, поради што бројот на жртвите може дополнително да се промени.

Дел од жртвите биле пронајдени во изгорени возила или во нивна близина. Првичните информации укажуваат дека некои од нив се обидувале да избегаат од подрачјето додека пламените јазици веќе ги пресекувале локалните патишта.

Во гаснењето се вклучени повеќе од 150 пожарникари, воздушни противпожарни единици и припадници на шпанската Воена единица за вонредни ситуации. Затворени се неколку патни правци, а жителите од загрозените населби добиле инструкции да ги почитуваат наредбите на спасувачките служби.

Како можна причина за пожарот се испитува паднат електричен кабел, но истрагата сè уште не е завршена. Андалузиските власти ја опишаа трагедијата како пожар без преседан и најсмртоносен ваков настан регистриран во регионот.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека државните служби и сите расположливи ресурси се ставени на располагање на регионалните власти.

Трагедијата се случува во услови на нов топлотен бран во Шпанија и во други делови од Европа, со температури над 40 степени и висок ризик од брзо ширење шумски пожари.

Најчитано