Почина актерката Еџе Иртем од „Шербет од брусница“

Турската актерка Еџе Иртем, која публиката ја препознаваше по улогата на Ишил во популарната серија „Шербет од брусница“, почина ненадејно на 35-годишна возраст.

Веста за нејзината смрт ја потврди нејзиниот адвокат Угур Ѓоккојун, кој соопшти дека актерката починала во својот дом, додека била со мајка ѝ. Според првичните информации, се претпоставува дека причината за смртта е срцев удар, но официјалната потврда ќе следува по обдукцијата.

Иртем починала само еден ден откако го прославила својот 35. роденден, што дополнително ја потресе турската јавност и нејзините обожаватели.

Актерката беше дел од актерската екипа на серијата „Шербет од брусница“, каде што ја толкуваше улогата на Ишил. Серијата е една од најгледаните турски телевизиски продукции во последните години, а Иртем со своето појавување привлече внимание кај публиката.

Освен по оваа улога, Еџе Иртем имаше повеќе настапи во турски филмови и серии. Родена е на 14 јуни 1991 година, а според турските медиуми, била дипломиран оперски пејач. Телевизиската кариера ја започнала во 2014 година.

Таа се појави и во филмската продукција на Нетфликс „10 Days of a Curious Man“, со што нејзината кариера излегуваше и надвор од рамките на класичните телевизиски серии.

По веста за нејзината смрт, на социјалните мрежи се појавија бројни пораки на сочувство од колеги, обожаватели и луѓе од турската филмска и телевизиска индустрија.

Погребот на актерката, според турските медиуми, треба да се одржи на 17 јуни.

Најчитано