Ноќеска голем пожар западно од Атина, евакуирани населби и индустриска зона

Голем шумски пожар и натаму беснее западно од Атина, во поширокото подрачје на Мегара, каде што се евакуирани повеќе населби и индустриската зона на градот. Огнот се шири кон населени места и деловни објекти, а променливиот ветер постојано отвора нови жаришта.

Преку системот за итни известувања 112, жителите и вработените во Агја Скепи, Кандили, индустриската зона Мегара, Тутули, Неа Дафни, Певкенеас и Агиос Сарантис добиле наредба да се повлечат кон побезбедни локации. Според грчката противпожарна служба, за пожарот досега биле испратени вкупно 17 предупредувачки пораки.

Најкритична била состојбата кај Кандили и Псата, каде пламените јазици стигнале до дворови и куќи. Дел од жителите биле евакуирани, додека некои останале во близина и со црева и импровизирана опрема се обидувале да ги заштитат имотите.

Посебна тревога е прогласена во индустриската зона на Мегара, каде огнот се доближил до фабрики и магацини со запаливи материјали. Пожарникарски возила, цистерни и механизација се распоредени околу објектите за да се спречи пожарот да навлезе во комплексот.

Во интервенцијата се вклучени околу 500 пожарникари, како и голем број авиони и хеликоптери. Грчките власти соопштија дека во гаснењето периодично дејствуваат осум авиони и 20 хеликоптери, додека механизација расчистува противпожарни појаси.

Пожарот веќе уништил големи површини шума и повеќе домови. Властите предупредуваат дека состојбата останува опасна, иако ветерот повремено слабее, бидејќи две главни огнени линии и натаму се активни во близина на Мегара и Псата.

За регионот Атика и за денеска е прогласена многу висока опасност од пожари, од четврта категорија. Граѓаните се повикани да избегнуваат активности на отворено што можат да предизвикаат искра или пламен

Најчитано