Градскиот базен во Кавадарци ќе работи до 23 часот, со што посетителите ќе можат да се разладуваат и во вечерните часови за време на актуелниот топлотен бран.
Од Општина Кавадарци ги повикаа граѓаните да ја искористат можноста за ноќно капење, кое станува сè попопуларно поради високите дневни температури. Базенот е достапен за рекреација, одмор и дружење во текот на целиот ден.
Градскиот базен неодамна беше повторно отворен по целосна реконструкција. Комплексот беше официјално пуштен во употреба на 23 јули и е наменет за спортски активности, летна рекреација и организирани содржини за посетителите.
Од Општината засега не соопштија до кога ќе важи продолженото работно време, ниту дали ноќното капење ќе се организира секој ден до крајот на летната сезона.
