Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нов голем руски напад врз украинската електрична мрежа

Руските воени сили синоќа извршија нов масовен напад врз енергетската инфраструктура во западна и јужна Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика, објави Би Би Си.

„Објектите на украинскиот оператор Укренерго се оштетени во регионите на Запорижја на југот на земјата и во Лавов на запад“, соопшти министерството, додавајќи дека во нападите се повредени двајца вработени, кои се хоспитализирани во болница во Запорижја.

Министерството потсетува дека ова е осми поголем напад врз украинските електрани во изминатите три месеци, што често резултираше со прекини на електричната енергија. Во соопштението се наведува дека електроенергетската мрежа на Украина се бори да ги издржи планираните руски воени напади.

Украинските власти објавија дека во големиот ноќен руски напад во четвртокот, енергетската инфраструктура, вклучително и електраната, била значително оштетена, а седуммина вработени биле повредени.

Володимир Зеленски изрази верување дека половина од енергетскиот капацитет на Украина е уништен во досегашните зајакнати руски напади. Утрово тој повика „колку е можно поскоро да се постават соларни панели и единици за складирање енергија во секое училиште и болница“.

Генералниот директор на операторот ДТЕК, Максим Тимченко, предупреди дека доколку западните партнери не се мобилизираат, Украина би можела „се соочи со сериозна енергетска криза оваа зима“.

Затоа, Кијив го повика Западот да му помогне да ја обнови електричната мрежа, проект кој бара значителни инвестиции, и да обезбеди испорака на повеќе опрема за противвоздушна одбрана во Украина, што е важно за спротивставување на руските бомбардирања.

Имајќи го предвид ова, Вашингтон „донесе тешка, но неопходна одлука“ да и даде приоритет на Украина пред другите сојузнички земји кога станува збор за набавка на ракети што се користат за противвоздушна одбрана.

Треба да знаете
Moже да ве интересира