Американката Тори Пенсо ќе стане втората жена во историјата што ќе биде главна судијка на натпревар од машко Светско првенство во фудбал.
Триесет и деветгодишната Пенсо е назначена да го води натпреварот меѓу Чешка и Јужна Африка од второто коло во групата А на Светското првенство 2026.
Средбата ќе се одигра денеска во Атланта, со почеток во 18 часот по македонско време.
Првата жена што судеше натпревар на машки Мундијал беше Французинката Стефани Фрапар. Таа во групната фаза на Светското првенство во Катар во 2022 година го водеше натпреварот меѓу Германија и Костарика, кој заврши со победа на Германците од 4:2.
Пенсо има долгогодишно искуство во американскиот и меѓународниот фудбал. Во 2020 година стана првата жена по повеќе од две децении што судела натпревар во американската МЛС-лига.
Најголемото признание во нејзината досегашна кариера беше финалето на Светското првенство за жени во 2023 година меѓу Шпанија и Англија.
Американската судијка има искуство и од натпревари во машка конкуренција во рамките на КОНКАКАФ, квалификациите за Светското првенство и Светското клупско првенство.
Нејзиното назначување за натпреварот меѓу Чешка и Јужна Африка претставува уште еден историски чекор во вклучувањето на жените во судењето на најголемите натпреварувања во машкиот фудбал.
