Во врска со процесот на проширување на позитивната листа со нови лекови, Министерот за здравство Арбен Таравари уверува дека тој не е заглавен и дека се чека да се формира УО на ФЗОМ.
-На првиот состанок на УО ќе бидат поминати деветте лека што се веќе испратени од Министерството за здравство, а штом се помине таму, јас ќе ги потпишам истиот ден и ќе го промовираме и ќе го кажеме тоа, подвлече Таравари.
Тој на почетокот на јули вети дека ќе има нова, проширена позитивна листа на лекови што ќе бидат на товар на Фондот за здравство, но досега од оваа листа нема ниту трага, ниту глас. Најпрво се чекаше да биде назначен нов директор на ФЗО. Од средината на јули се чека да се оформи новиот Управен одбор, кој треба да ја одобри проширената листа на лекови, а онака како што стојат работите неизвесно е кога тоа ќе се случи.
Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо – често и од други држави. Затоа што листата не е ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.
Таравари соопшти дека се работи на проширување на програмата „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација.
„Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно и требаат сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, меѓутоа фармации и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на ФЗОМ, така што ќе видиме, ќе разгледаме најдобри можни опции“, изјави министерот, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на реновираните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.
Електронскиот систем за закажување прегледи “Мој термин“ беше воведен во 2014 година за да го олесни пристапот на пациентите до здравствените услуги и да се води евиденција за нивната здравствена состојба.
Таравари додаде дека веќе се разговарало и за користење телемедицина – консултации од дистанца. За одредени прашања, појасни министерот, пациентот не мора да доаѓа на клиника, туку може да има одреден период кога докторот дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, потоа докторот би го повикал пациентот и да го прегледа физички.
Министерот информираше дека најверојатно денеска ќе биде распишан нов тендер за компресорска станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.