Плажите Канео и Потпеш во Охрид се исполнети со лежалки и друга комерцијална опрема, без да биде оставен доволно слободен простор за граѓаните, реагира еколошката организација „О2 Иницијатива“.
Од организацијата тврдат дека на плажите дадени под закуп не се почитуваат договорните обврски, според кои 50 проценти од просторот треба да остане слободен од лежалки и друга опрема. Како примери ги посочуваат Канео и Потпеш, каде, според активистите, лежалките се поставени една до друга, а на крајбрежјето има и бетонирани делови.
„О2 Иницијатива“ јавно ги повика градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и општинската инспекција да извршат контрола и да утврдат дали закупците го користат само просторот опфатен со договорите и дали е обезбеден слободен пристап до брегот. Активистите обвинуваат дека профитот на закупците се става пред јавниот интерес и заштитата на природното и културното наследство.
Организацијата ја споредува состојбата со правилата во други европски земји, каде значителен дел од плажите мора да остане слободен. Според нив, во Грција се бара слободен појас покрај водата, а за плажите во заштитените подрачја важат построги ограничувања за поставување опрема.
УНЕСКО во својата последна одлука за Охридскиот Регион не определува конкретен процент за поставување лежалки, но бара системско утврдување на негативното влијание на бесправните објекти, отстранување или ублажување на последиците и доставување на студијата за планирање на крајбрежната зона на Охридското Езеро.
Комитетот за светско наследство изрази највисока загриженост поради континуираното влошување на вредностите на Охридскиот Регион и оцени дека се исполнети условите за негово ставање на Листата на светско наследство во опасност доколку не бидат преземени решителни мерки. Прашањето повторно треба да се разгледува на 48. седница на Комитетот во 2026 година.
Владата во февруари соопшти дека останува посветена на навремено спроведување на обврските за заштита на Охридскиот Регион и зачувување на неговиот статус, по средбите на владината делегација со претставници на УНЕСКО во Париз.
