Од 1 септември, според најавениот рок за почеток на новиот систем, полнолетните граѓани ќе можат кај својот матичен лекар официјално да се изјаснат дали сакаат по смртта да бидат донори на органи и ткива.
Одлуката ќе се регистрира преку посебен дигитален модул во системот „Мој термин“, со што Македонија за првпат ќе добие национална евиденција на јасно изразената волја на граѓаните за органодарителство.
Граѓанинот нема да мора да посетува дополнителна институција, да оди на нотар или самостојно да поднесува електронска пријава. Изјаснувањето ќе се врши при посета на избраниот матичен лекар, кој претходно ќе има обврска да го информира пациентот за значењето на одлуката, нејзините правни последици и можноста подоцна да биде променета.
Секој полнолетен граѓанин ќе може да избере дали се согласува или не се согласува неговите органи и ткива да бидат дарувани по смртта за лекување други пациенти.
Изјавата ќе се потпишува лично, ќе биде заверена од матичниот лекар и ќе се архивира. Потоа документот ќе биде внесен во националната листа во рамките на системот за електронски здравствени евиденции. Важечка секогаш ќе биде последната дадена изјава, што значи дека граѓанинот ќе може во секое време да ја промени или повлече својата одлука.
Пристапот до податоците, според Министерството за здравство, ќе биде строго ограничен само на овластени лица. Секој увид во системот ќе се евидентира, со цел да се заштитат личните и здравствените податоци на граѓаните.
Новиот механизам следува по усвојувањето на измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување. Законските измени беа изгласани во Собранието со 58 гласа „за“ и шест гласа „против“.
Министерот за здравство Азир Алиу оцени дека со новото решение волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена, безбедно евидентирана и подоследно почитувана. Тој најави дека ќе биде првиот граѓанин што ќе се регистрира како органодарител кога системот ќе почне да се применува.
Една од главните причини за воведување на регистарот е тешката положба во која се наоѓаат семејствата кога во момент на загуба треба да одлучат дали ќе ги донираат органите на својот близок.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, претходно посочи дека има случаи во кои потенцијалниот донор е медицински обработен и погоден за трансплантација, но семејството на крајот не дава согласност. Со однапред евидентирана одлука, граѓанинот самиот ќе може јасно да го соопшти својот став додека е жив.
На листите за трансплантација во Македонија се наоѓаат околу 200 пациенти, од кои најголемиот дел чекаат бубрег, а останатите срце, црн дроб или друго ткиво. Дел од пациентите чекаат со години, додека бројот на достапни органи од починати донори останува мал.
Регистрацијата како донор не значи дека органите автоматски ќе бидат земени по секоја смрт. Донирање е можно само кога се исполнети строгите медицински и законски услови, вклучително и утврдување мозочна смрт во болнички услови и процена дали органите се погодни за трансплантација.
Паралелно со дигиталниот модул, Министерството подготвува уредба и правилник со кои треба детално да се утврдат формата на изјавата, начинот на нејзино менување, пристапот до податоците и функционирањето на националната листа.
Со законските измени се проширува и кругот на живи дарители. Покрај досегашните блиски сродници, орган ќе можат да донираат и роднини во странична линија до четврти степен, меѓу кои и први братучеди. Секој таков случај ќе треба да помине проверка пред етичка комисија, која треба да утврди дека одлуката е доброволна и дека нема притисок, злоупотреба или трговија со органи.
