„Комити“ ќе го бојкотираат Вардар додека не си замине Миленко

ФК Вардар не ја почна славно новата фудбалска сезона, а покрај лошите резултати на теренот, лоши се и односите внатре во клубот, особено на реалција навивачи – управа.

„Комити“ официјално тргнаа во бојкот на управата и на следните мечеви на Вардар.

„По синоќешниот итен и отворен состанок на кој присуствуваа сите подгрупи, навивачката група „Комити“ донесе едногласна одлука за целосен бојкот на сите натпревари на фудбалскиот клуб, кој ќе трае сè додека актуелното раководство на чело со Миленко Неделковски не поднесе оставка и не си замине од клубот, соопштија од навивачката група.

Иако бојкотот стапува на сила, навивачите најавија масовно присуство на претстојниот натпревар во понеделник од 19:00 часот на стадионот на ФФМ против екипата на Арсими, но со јасна цел.

„Ќе присуствуваме за последен пат, првично за да ја покажеме нашата солидарност со младите Вардарци, и за да изразиме огромен револт против најсрамната управа во целата историја на ФК Вардар“, стои во соопштението на Комитите.

Собирот е закажан за во 18:15 часот на последна 5-ка во Ново Лисиче, откаде во 18:45 часот организирано ќе се тргне кон стадионот. Притоа, упатен е и строг предупредувачки апел: преглед на влезот ќе смее да врши исклучиво полицијата, а доколку се појави приватното обезбедување кое предизвика револт, одговорноста и последиците ќе бидат целосно на нивна сметка.

По овој меч, фокусот на најверните фанови целосно се префрла на ракометниот клуб РК Вардар, за што дополнително ќе информираат, додека фудбалскиот клуб останува во целосна изолација од своите симпатизери сè до заминувањето на сегашната структура.

Како последна капка што ја прели чашата беше наведен срамниот однос кон навивачите и помладите категории, кој кулминираше на последниот натпревар кога приватното обезбедување на управата, по наредба на Неделковски, се дрзна физички да ги нападне децата од групата и клубот. Навивачите порачуваат дека таков чин на примитивизам никогаш повеќе нема да се повтори.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?