Од утре пресврт на времето: Пороен дожд, град и грмотевици низ Македонија

Македонија од утре влегува под влијание на циклонска активност која ќе донесе нестабилно време, локални невремиња, пороен дожд, грмотевици и засилен ветер.

Според прогнозата на УХМР, во вторник и среда ќе има развој на нестабилна облачност, а на повеќе места се очекуваат врнежи од дожд и електрични празнења.

Локално атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и проследени со обилен пороен дожд за кратко време, силен ветер и појава на град.

Циклонската активност е со центар над Турција, а нејзиното влијание ќе се почувствува и над Македонија.

Во Скопје ќе се задржи топло време, но во попладневните часови во делови од котлината ќе има услови за нестабилна облачност, дожд, грмежи и засилен северен ветер. На одредени места процесите може краткотрајно да добијат карактер на невреме.

Во четврток нестабилноста ќе ослабне, но и натаму ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.

Од петок следува стабилизирање на времето. Се очекува претежно сончев и потопол период, со дневни температури над 30 степени во целата земја.

УХМР препорачува при појава на грмежи граѓаните да не престојуваат на отворен простор, под осамени дрвја или во близина на метални конструкции.

Најчитано