Општина Битола издаде упатство за употреба на семафор

Општина Битола мораше јавно да им објасни на граѓаните како се користат новите пешачки семафори кај плоштадот „Гоце Делчев“ и кај Камен мост, откако голем број пешаци чекале зелено светло без да го притиснат тастерот поставен на столбот.

Новата светлосна сигнализација е ставена во редовен режим на работа, но за да добијат право на преминување, пешаците прво треба да го притиснат означеното копче. Дури потоа системот го активира зелениот сигнал за нив.

Според упатството на Општината, пешаците имаат 15 секунди за преминување, по што следуваат 15 секунди во кои сообраќајот е отворен за возилата.

Од локалната самоуправа дополнително појаснуваат дека и кога повеќе лица чекаат заедно, потребно е да се притисне тастерот за семафорот да добие сигнал дека има пешаци што сакаат да ја преминат улицата. Без притискање на копчето, зеленото светло за пешаците нема автоматски да се вклучи.

Објаснувањето следува по еднонеделниот период на приспособување, во кој новите семафори работеа во режим на трепкање, за граѓаните и возачите да се навикнат на променетиот начин на регулирање на сообраќајот во центарот на градот.

Пешачките семафори беа поставени во јуни на две фреквентни локации. Едниот премин е на Широк Сокак кај плоштадот „Гоце Делчев“, а другиот кај Камен мост. Од Општина Битола тогаш соопштија дека целта е побезбедно преминување на улицата, особено во летниот период кога во централното градско подрачје има поголема фреквенција на пешаци.

Поставувањето на семафорите е дел од пошироката промена на сообраќајниот режим во центарот на Битола. Предвидено е просторот на плоштадот „Гоце Делчев“, кој со години се користеше како паркиралиште, да се ослободи од возила и да се претвори во пешачка зона.

Иако системите со тастер се вообичаени во повеќе градови и се поставуваат за пешаците да не го запираат сообраќајот кога нема потреба, првите денови од нивното функционирање во Битола покажаа дека дел од граѓаните не биле запознаени со начинот на работа.

Поради тоа, Општината објави практично упатство: дојдете до преминот, притиснете го тастерот, почекајте зелено светло и преминете во предвидените 15 секунди

Најчитано