Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Орбан ќе ги испрати Макрон и Шолц на кафе за да го смени францускиот предлог?

Верува ли некој дека Орбан може да го смени тоа што го договориле Макрон и Шолц и го прифатиле 27 земји членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Унгарија. Да не го примени трикот со кафето со Макорн и Шолц?!?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Добро, ќе му рече Радев или кој и да е бугарски премиер на Орбан, ти, односно Унгарија, зошто гласаше за Францускиот предлог со кој понудивме решение за македонско-бугарскиот спор кој сега го отфрла Северна Македонија која ти ја застапуваш на оваа средба?

Такво прашање ќе добие Орбан, или кој и да негов претставник кога некој таков ќе отиде во Софија, бидејќи унгарскиот премиер рече дека му рекол на Мицкоски дека е подготвен за такво нешто.

И навистина, што ли имаше Орбан на ум кога му предложил посредување на Мицкоски за неговиот проблем со Бугарија, односно со спроведување на препораките од Францсукиот предлог за уставни измени по што веднаш би продолжиле преговорите со ЕУ со отворање на поглавјата од првиот кластер Фундаменти.

Но, реалноста го претрка замисленото сценарио. Орбан уште беше во Охрид кога пристигна одговорот од Бугарија.

„Европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен. На Бугарија не и требаат посредници во овој процес“.

Ова го изјавил  министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија Иван Кондов за БГНЕС, коментирајќи го понуденото посредништво на унгарскиот премиер Виктор Орбан за надминување на проблемите меѓу Софија и Скопје.

Ако сепак оставиме мала резерва дека нешто околу овој став на Бугарија ќе се промени после изборите и, евентуалниот, успех на земјата да формира политичка влада, останува прашањето дали може да му се верува на Орбан дали може да смени нешто во тајмингот околу преговарачката рамка, која е усвоена од 27 членки на ЕУ, бклучително и Унгарија.

Новинарот и добар познавач на овие процеси Љупчо Поповски од Независен весник, за Рацин.мк вели многу е поважни туку да се дознае каков предлог му дал тој на Мицкоски во Охрид.

Орбан на прес-конференцијата рече: „Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската Унија и да посредуваме во ова прашање“.

За Поповски во оваа фаза тешко е да се каже дали е тоа „предлог што не може да се одбие“ (овде или во Софија), но не би требало да се исклучи добрата желба за некакво посредништво. Но…

„Проблемот за Орбан е што неговата специфична тежина во ЕУ е драматично намалена и дека е прашање до каде може да оди дострелот на неговото посредување. Не треба да се заборави дека и покрај огромната недоверба кон него во најголемиот дел од земјите на ЕУ, Орбан одржува одлични односи со францускиот претседател Емануел Макрон. Дали тој може да биде на некаков начин продолжен посредник на Макрон е целосно нејасно. Како што е нејасно дали Софија воопшто би разговарала за предлогот на Орбан“, посочува Поповски.

На домашен план, вели Поповски, Мицкоски, како и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е врзано со своевидна папочна врска со Фидес на Орбан, па предлогот за „спогодба со Бугарија“ може да има многу подобар одек кај премиерот отколку ако дојде од друга европска престолнина.

„Чекаме да се дознае (ако се дознае) каков е тој предлог, за да може да се оценува дали има шанси да помине и во Скопје и во Софија. Или потоа да се пеглаат крајностите во тој предлог кој потоа би одел на калибрирање во Брисел“, предлага Поповски.

Во гостување на ТВ Телма новинарката Светлана Јовановска забележа дека Орбан е за проширување, но според негови стандарди, но за жал таа врска помеѓу неговата партија Фидес и ВМРО-ДПМНЕ не ни издејствува старт на преговорите.

„Унгарија претседава со ЕУ, но гледаме дека земјата се наоѓа во еден вид на бојкот од другите земји членки. Ние засега немаме видено некој голем ќар од тоа братство“, рече Јовановска.

Во однос на пораката од Орбан дека „следната станица е да се спогодите со Бугарија“ како и појавувањето на информациите дека на премиерот Мицкоски во Брисел минатата недела му било кажано дека предлогот за дложени уставни измени за ЕУ не е прифатлив, Јовановска смета дека единствениот пат до решението води преку Софија.

„Во ЕУ секогаш ќе има некој кој ќе сака да нѐ слушне, но мислам дека решавањето на проблемот лежи во Софија и во дијалогот меѓу Скопје и Софија“, вели Јовановска.

Сепак, Јовановска не гледа можност во моментов тоа да биде направено, и посочи дека не очекува во наредните 5 години да има проширување на ЕУ.

А Орбан… Орбан можеби се подготвува да ги испрати Макрон и Шолц на кафе за да го смени францускиот предлог?

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново