Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Османи на крајот на претседавањето со ОБСЕ: Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички капацитет

Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност, кои кулминираа со организацијата на 30-от Министерски совет. Со донесените одлуки го остваривме планот кој го зацртавме на почетокот на Претседавањето – дадовме огромен придонес во обезбедувањето на функционалноста на ОБСЕ.

Нашето претседавање беше фокусирано на луѓето, а работевме со посветеност на идејата дека ОБСЕ може да го унапреди и зачува сето она што луѓето најмногу го ценат – нивните права, нивната слобода и нивното достоинство, посочи шефот на дипломатијата Бујар Османи на одбележувањето на завршувањето на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ.

Тој додаде дека земјава никогаш нема да отстапи од бранење на нивната вредност, истовремено зајакнувајќи ги ваквите начела онаму каде истите беа оспорени и ставени под знак прашалник. Според Османи, зачувувањето на начелата и заложбите значело зачувување Организацијата, која оваа година, како што рече, се соочила со досега невидена, егзистенцијална криза.

-Јас со гордост можам повторно да нагласам дека Министерскиот состанок во Скопје внесе нова енергија во нашите начела, односно нашата водилка, која силно не турка напред и покрај напорите на одредени актери да ја поткопаат истата. Извонредниот успех што го постигнавме го делиме со министерства и бројни институции кои беа вклучени и учествуваа во достигнувањето на резултатите од нашето Претседавање, особено кога станува збор за организацијата на Министерскиот состанок, истакна министерот Османи.

Тој изрази благодарност и до институциите со кои МНР соработувало и кои, како што нагласи, дале значителна поддршка за успешниот Министерски совет во Скопје како што се:  Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Министерството за одбрана и припадниците на воените сили на Северна Македонија, Службата за општи и заеднички работи на Владата на Северна Македонија.

На настанот се обрати и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој нагласи дека Самитот беше платформа за засилување на високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја.

-Беспрекорната организација на настан од глобална важност, која нѐ направи успешни домаќини, ни овозможи да ја зголемиме нашата видливост на меѓународната сцена, но и да ја потврдиме нашата посветеност кон мирот, стабилноста, соработката и развојот. Оваа одговорност ја преземавме најсериозно, знаејќи дека безбедноста е фундаментален предуслов за успешноста на овој меѓународен дијалог. Затоа и би упатил посебна благодарност до секој еден од ангажираните полициски службеници кои со својата максимална посветеност ја исполнија зададената цел, истакна Спасовски на настанот што го организираше МНР за одбележување на завршувањето на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира